Линкови за пристапност

Обама го претстави планот од 75 милијарди долари  за помош на сопствениците на домови


Американскиот претседател Барак Обама го претстави планот од 75 милијарди долари за помош на сопственици на домови, велејќи дека неговата цел е да спречи девет милиони Американци да останат без покрив над главата. Тој го претстави планот во сојузната држава Аризона, која е особено тешко погодена од кризата на пазарот за домување.

„Планот за стабилност и финансиска способност на сопствениците на домови" е насочен на реструктуирање или рефинансирање на заемите за домување, со цел сопствениците, кои имаат проблеми со плаќање на кредитот, да можат да ги исплаќаат месечните рати. Во некои случаи, владата ќе ги субвенционира станбените заеми што ќе бидат модифицирани со цел да се избегне домовите да западнат под хипотека.

Белата куќа соопшти дека планот ќе им олесни на сопственците на домови кои во моментов имаат проблеми со рефинансирање на заемите поради тоа што паднала вредноста на нивните домови. Обама предочи дека мерката нема да им помогне на шпекулантите, на нечесните кредитори или позајмувачи кои купиле домови за кои однапред знаеле дека нема да можат да ги отплатат.

Тој рече дека кризата на пазарот на домување е закана по економската стабилност на нацијата и стабилноста на семејствата и соседствата. Американскиот претседал ја најави оваа мерка еден ден откако го потпиша пакетот за стимулирање на економијата вреден 787 милијарди долари.

XS
SM
MD
LG