Линкови за пристапност

Обама го потпиша планот за стимулирање на економијата


Со потписот што американскиот претседател го стави на стимулaтивниот пакет помош во висина од 787 милијарди долари, во Денвер, сојузната држава Колорадо, документот стана закон.

Обама кажа дека тоа е најсеопфатен пакет за економско опоравување во историјата на државата. Планот, што вклучува владини трошоци и даночни олеснувања има за цел да ја извлече американската економија од рецесија и да го врати напредокот. Неговото усвојување воедно претставува прва поголема политичка победа на претседателот откако минатиот месец ја презеде функцијата.

Претседателот кажа дека со мерката „отпочнуваат клучните активности за одржување на американскиот сон во живот“, преку обнова на долгорочниот растеж и напредок. Сепак, тој предупреди дека е можно повремено „лизнување“ во текот на процесот, но рече дека за обнова е потребна храброст, дисциплина и чувство на одговорност, од Вол Стрит до Вашингтон.

Конгресот го усвои планот во петокот. Мерката доби само три гласови од републиканците во Сенатот, но ниту еден републикански глас во Претставничкиот дом.

Администрацијата на Обама истакна дека планот ќе помогне да се извлече американската економија од рецесија, а даночните олеснувања и трошоците за домашни проекти, ќе креираат или спасат 3,5 дополнителни работни места. Даночните олеснувања ќе зафатат 95 проценти од Американците, а ќе се инвестира и во образованието, енергијата, здравственото образование и инфраструктурата.

По мерката се водеше жестока дебата во Конгресот. Републиканците се залагаа за повеќе даночни олеснувања и помалку предлози за владини трошоци. Обама предупреди дека планот не означува крај на економските проблеми на државата, а не содржи ниту конкретни чекори што мора да се преземат за економска обнова.

XS
SM
MD
LG