Линкови за пристапност

Мажите почесто остануваат без работа отколку жените


Нова студија покажува дека во моментов, мажите почесто ги губат работните места споредено со жените. Земајќи предвид дека не се гледа крај на оваа рецесија во САД, експертите очекуваат во компаниите да има многу повеќе вработени жени отколку мажи.

Со зголемување на невработеноста во САД, економистите забележуваат уште еден тренд – има повеќе мажи отпуштени од работа отколку жени.

Според статистиката за работна сила, 82 проценти од неодамна загубените работни места, отпаѓаат на мажите, а тоа се должи на фактот што поголемиот број вработени во индустриите погодени од економската криза, како производството и градежништвото, се токму мажи.

Од друга страна, жените се позастапени во индустриите не толку подложни на рецесија, како здравството и образованието.

Ова е Шерил Касоне, консултант за вработување:

„Единствената гранка каде забележуваме пораст на бројот на работни места е здравството. И натаму во земјава има недостиг на медицински сестри."

Џони Карнел е возач на камиони. Тој се надева дека пазарот на работна сила наскоро ќе се подобри. Карнел ја загубил работата пред два месеца и засега не може да најде друга.

Сега Карнел се наоѓа во ситуација неговата сопруга Вероника да е главен хранител на четиричленото семејство.

Вероника вели - се обидувам да не зборувам за тоа, но тешко е да се игнорира, ми излетува „ јас заработувам, а не ти".

Ваквата ситуација за некои мажи не е лесна промена. Џони Карнел вели дека тој сега има улога на домаќинка. Работи се` што треба низ куќата и помага околу децата.

Со продлабочувањето на рецесијата, се очекува и зголемување на бројот на семејствата каде ќе заработуваат само жените. Ова е тренд што очигледно дополнително влијае на лошата економска ситуација со која се соочуваат некои Американци. Новите владини податоци покажуваат дека жените и натаму заработуваат речиси 20 проценти помалку отколку мажите.

XS
SM
MD
LG