Американскиот претседател се подготвува да го потпише стимулaтивниот пакет помош во висина од 787 милијарди долари во Денвер, сојузната држава Колорадо.
Планот, што вклучува владини трошоци и даночни олеснувања има за цел да ја извлече американската економија од рецесија и воедно претставува прва поголема политичка победа на претседателот откако минатиот месец ја презеде функцијата.
Конгресот го усвои планот во петокот. Мерката доби само три гласови од републиканците во Сенатот, но ниту еден републикански глас во Претставничкиот дом.
Администрацијата на Обама истакна дека даночните олеснувања и трошоците за домашни проекти, ќе креираат дополнителни работни места и ќе го поттикнат економскиот растеж. По мерката се водеше жестока дебата во Конгресот. Републиканците се залагаа за повеќе даночни олеснувања и помалку предлози за владини трошоци.