Линкови за пристапност

Пакетот за стимулирање на економијата подготвен за потписот на Обама


Неделава претседателот Барак Обама ќе се фокусира на американската економија: ќе го потпише пакетот владина помош за обнова на економијата што тој го предложи, а Конгресот го усвои, а најави и мерки за помош на пазарот на домување.

Пакетот од речиси 790 милиони долари за стимулирање на економијата е досега најголема економска помош што ја усвоил Конгресот. Вишиот советник во Белата куќа Дејвид Акселрод наведува дека помошта брзо ќе влијае за надминување на економската криза, но сепак предочува дека ќе биде тешко да се отстрани сета досегашна економска штета во државата.

-Како што знаете, пакетот ќе помогне да се финансираат инфраструктрни проекти од јавен интерес и слични проекти што допрва ќе започнат ширум земјата. Но, ќе биде потребно време резултатите да станат видливи во статистиката, рече Акселрод.

Акселрод коментира дека САД се наоѓаат во најтешката рецесија од Втората светска војна – наваму:

-Требаше долго време за да западнеме во оваа ситуација. Ќе ни треба исто така долго време да излеземе од неа, вели вишиот советник на претседателот.

Наместо церемонија во Белата куќа на која би присуствувале почесни гости и политичари, претседателот Обама утре ќе го потпише пакетот во Денвер, сојузната држава Колорадо – истиот град каде минатиот август и официјално ја прифати номинацијата на демократите за претседателската функција. Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс кажа дека изборот на Денвер само покажува колку му е важно на претседателот да ги чуе мислењата на луѓето и надвор од Вашингтон. Од Денвер, Обама ќе отпатува во Феникс, Аризона, каде ќе го обелодени неговиот план за справување со кредитната криза во САД.

Кризата на пазарот на недвижнини нашироко се смета за иницијалната каписла за сегашните економски проблеми. Банките дадоа милиони долари во ризични кредити за кои подоцна се испостави дека сопствениците на домови не се во можност да ги отплаќаат. Семејства сега ги губат домовите под хипотека, банките нудат се` помалку кредити, така што станува се` потешко да се дојде до заем.

Белата куќа најави дека Обама ќе продолжи да ја бара поддршката од републиканците додека владата продолжува да работи на деталите на предлогот за помош на пазарот со недвижнини. Овој чекор уследи и покрај фактот што владиниот пакет за стимулирање на економијата не доби ниту еден глас од републиканците во Претставничкиот дом, а само тројца републиканци гласаа за него во Сенатот.

Репуликанскиот сенатор Линдзи Греам од Јужна Каролина смета дека стимулативниот пакет не успеа да го мине тестот за натпартиски компромис. Тој, сепак, се надева дека обете страни ќе може да ги усогласат ставовите околу предлогот за надминување на кризата на пазарот на недвижнини.

XS
SM
MD
LG