Американската државна секретарка Хилари Клинтон ги истакна односите меѓу Вашингтон и Токио по пристигањето во Јапонија каде ја започна својата азиска турнеја. Ова е нејзина прва посета во странство откако стапи на функцијата.
Клинтон на денешната церемонија на дочек на аеродромот во Токио кажа дека американско-јапонските односи се „камен-темелник“ на глобалната дипломатија на Вашингтон.
Клинтон во наредните денови ќе ги посети Индонезија, Јужна Кореја и Кина. За турнејата вели дека има за цел да покаже дека азиско-пацифичките врски на Вашингтон се „незаменливи“ во справувањето со глобалните предизвици.
Јапонскиот државен врв и Клинтон ќе одржат состаноци во вторник. Клинтон најави дека ќе разговара за ситуациите во Авганистан и Пакистан, климатските промени и спречувањето на ширењето на нуклеарно оружје. На еднонеделната турнеја, Клинтон исто така ќе повика на соработка против глобалната економска криза.