Линкови за пристапност

Конгресните водачи постигнаа договор за конечниот износ на пакетот за економска обнова на САД


Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид на прес-конференција во Конгресот изјави дека штом ќе стапи на сила, пакетот би требало да овозможи отворање на 3,5 милиони нови работни места. Во него се вклучени средства за погодените од рецесијата, фондови за буџетите на сојузни држави и даночни олеснувања за поединци и бизниси.

Претставничкиот дом и Сенатот започнаа да ја работат на конечната верзија на стимулативниот пакет откако претходно одвоено усвоија различни негови верзии. Сенатот вчера одобри своја верзија и требаше таа да биде усогласена со малку поинаквата што првично ја усвои Претставничкиот дом. Сенаторката Сузан Колинс, која беше клучен републиканец во преговорите, изјави дека пакетот ќе чини приближно 790 милијарди долари, што е за речиси 50 милијарди помалку од сенатската верзија.

Конгресните лидери се надеваат дека конечната верзија ќе се најде на маса на претседателот Барак Обама за конечен потпис наредната недела. Обама го предложи пакетот како решение за тековната економска рецесија. Според него, секакво одлагање би значело натамошен број на Американци да ги загубат своите работни места, заштеди и домови.

Американскиот претседател денес посети градилиште во сојузната држава Вирџинија, каде кажа дека неговиот план за креирање на дополнителни работни места и повторно заживување на економијата е истовремено итен и суштински.

Пакетот - што претставува комбинација на владини средства за проекти од јавен интерес и даночни скратувања - наиде на мала поддршка од опозиционата Републиканска партија. Републиканците тврдеа дека мерката вклучува многу непотребни трошоци а малку даночни олеснувања.

Во друг обид за заживување на економијата, секретарот за финансии Тимоти Гајтнер вчера го претстави планот за помош на американскиот банкарски систем во вредност од околу 2 трилиони долари. Меѓу бројните иницијативи што ги предложи Гајтнер е и проширување на програмата што дава поддршка на пазарот за потрошувачки и деловни кредити, како и владино финансирање за приватните фирми кои ќе откупат недвижнини што западнале под хипотека поради неисплатени и проблематични кредити.

XS
SM
MD
LG