Линкови за пристапност

Талебан нападна во Кабул – 20-тина загинати


20-тина лица загинале, а 69 се повредени откако припадници на Талебан речиси истовремено нападнале три владини објекти во главниот авганистански град Кабул. Во вооружените упади во Министерствата за правда и образование и затворската управа загинале и осум напаѓачи. Талебан тврди дека ги организирал дрските напади што се случија истата недела кога новиот американски пратеник за Пакистан и Авганистан Ричард Холбрук треба да го посети Кабул.

Авганистански претставници наведуваат дека министерот за правда бил во Министерството за време на нападот, но не бил повреден. Авганистанскиот шеф на обезбедувањето Амрула Салех кажа дека властите истражуваат дали Пакистан е поврзан со нападот. Тој тврди дека подготвувајќи се за упадот во Министерството за правда, напаѓачите испратиле пораки до Пакистан барајќи благослов од „мозокот“ на операцијата.

Според сведоци, петорица бомбаши-самоубијци со автоматско оружје влегле во Министерството близу претседателската палата а потоа отвориле оган и почнале да фрлаат рачни бомби. Потоа, неколку часа воделе престрелка со полицијата, пред да бидат убиени. Сведоците тврдат дека обезбедувањето во Министерствата за правда и образование ги спречило напаѓачите да ги активираат елеците со експлозив што ги носеле на себе, но еден од напаѓачите во затворската управа успеал во тоа.

XS
SM
MD
LG