Линкови за пристапност

Група американски конгресмени бара од Обама натамошен ангажман за проблемот со името и други прашања од грчки интерес


32-ца американски конгресмени му пишаа писмо на американскиот претседател Барак Обама во кое бараат натамошна ангажираност од него и од потпретседателот Џозеф Бајден за прашања од грчки интерес. Мнозинството се членови на неформалната конгресна група за грчки прашања со која раководат Каролин Малони и Гас Билиракис.

Во делот за Македонија, конгресмените го потсетуваат Обама дека иако Грција има желба да ја поддржи земјата на патот кон ЕУ и НАТО - „тоа не може тоа да го стори се` додека властите во Скопје си дозволуваат однесување што претставува закана за територијалниот интегритет на нашиот сојузник во НАТО – Грција“.

Тие тврдат и дека „Грција веќе направила голем потег на добра волја со тоа што се согласила дека е прифатлив зборот Македонија во идното име на ФИРОМ, се` додека е во комбинација со географски квалификатив, за да се разјасни дека не претендира на историските граници на грчката покраина Македонија“.

Конгресмените во писмото изнесуваат очекувања од новата американска влада и за редица други прашања: Екуменската партијаршија, кипарскиот проблем, односите меѓу Грција и Турција и отстранувањето на визни ограничувања за Грција. Тие бараат од претседателот Обама да ја стави Грција на листата земји кои ќе може да патуваат во САД без визи, потсетувајќи го на неговите зборови дека, како што се наведува, „едни од најсилните сојузништва што ги имаме е со Грција и не е случајно што Грција и САД беа на иста страна во секој поголем конфликт во 20-от век и што Грција е останува една од најблиските партнери на Медитеранот“.

XS
SM
MD
LG