Линкови за пристапност

Обама: Економијата без владина помош ќе западне во негативна спирала


Американскиот претседател Барак Обама предупреди дека економијата се наоѓа во најтешка состојба уште од времето на Големата депресија и дека би можела уште подлабоко да западне во негативна спирала без владина интервенција.

Обама на синоќешната прес-конференција во Белата куќа го повика Конгресот итно да го усвои пакетот за стимулирање на економијата од 800 милијарди долари што вклучува владини трошоци за проекти од јавен интерес и намалување на даноците.

Доколку не се реагира веднаш, тоа само ќе ги продлабочи проблемите за Американците кои веќе страдаат поради губитокот на 3,6 милиони работни места во земјата и други економски проблеми, порача Обама.

Тој смета дека федералната влада е единствената инстанца која има потенцијал да ја поттикне економијата, со оглед на фактот дека приватниот сектор е ослабен.

Сенатот денес треба да гласа за економскиот пакет. Претставничкиот дом веќе усвои своја верзија на пакетот. Обете ќе треба да бидат усогласени пред конечната верзија да дојде на потпис кај претседателот.

XS
SM
MD
LG