Линкови за пристапност

Претседателот Обама на кампања за планот за економско стимулирање


Американскиот претседател Барак Обама повторно води кампања – патува низ региони кои се најтешко погодени од економската рецесија да придобие поддршка за гломазниот план за економско стимулирање.

Во Елкхард, Индијана, стапката на невработеност е 15 проценти, речиси двојно поголема отколку на национално ниво. Се затвараат фабрики кои долго време биле дел од тамошниот живот, а семејствата се загрижени за иднината.

Претседателот Обама вели дека Елкхард и градови како него, се пример за степенот и интензитетот на економската криза:

„Говориме за луѓе кои ја загубиле егзистенцијата и не знаат што понатаму. Зборуваме за родители кои ја загубиле здравствената заштита и се молат навечер децата да не им се разболат. Говориме за семејства кои ги загубиле домовите – кои беа основа на американскиот сон."

Ова беше прва средба на претседателот со граѓаните откако ја презеде канцеларијата. Тој одговараше на прашања од членови на заедницата и рече дека Вашингтон треба да има слух за нивните грижи.

Обама рече дека имало добра дебата во Конгресот за планот за економско стимулирање и оти сега е време да се реагира.

„Затоа го повикувам Конгресот веднаш да го усвои законот. На граѓаните во Елкхарт и но и ширум Америка, потребна им е помош – веднаш. Тие не може да си дозволат да чекаат Вашингтон да реагира."

Настанот во Екхард му овозможи на претседателот Обама да го оттргне фокусот од Вашингтон и да се слушне гласот на Американците кои најмногу страдаат во актуелната економска криза. На проблемот му беше дадено лице:

„Претседателе Обама, ви посакуваме добредојде во Елкхард со цело срце!", го поздрави жител од овој град во Индијана, Хелен Тастело, која праша дали дел од парите од планот за економско стимулирање ќе се влеат во градската каса за Ерхард.

Претседателот Обама рече дека ќе бидат преземени чекори со цел да се обезбеди дека јавноста е информирана за секој чекор во распределбата и трошењето на средствата.

„Законот мора да биде усвоен, но и парите ќе бидат домаќински потрошени. Ќе направиме нешто досега невидено, со цел парите брзо да се распределат, но и мудро да се потрошат", кажа претседателот.

Претседателот Обама вечерва ќе одговара на прашања на новинари за време на неговата прва прес-конференција во Белата куќа. Потоа повторно ќе биде на пат, на средби со граѓаните на Форт Маерс, во Флорида, од каде ќе замине за Пиорија во Илиноис.

XS
SM
MD
LG