Линкови за пристапност

Обама апелира за поддршка по економскиот план


Претседателот Барак Обама неделава ќе ги изнесе своите аргументи за масивниот владин економски план директно пред американската јавност, со настани во стилот на водење кампања, а ќе се појави и на националната телевизија.

Американскиот претседател веќе замина за Елкарт, сојузната држава Индијана, каде ќе има средби со локалните жители. Подоцна во Белата куќа ќе ја одржи првата прес-конференција во ударен вечерен термин.

Сенатот се очекува денеска да ја заврши дебатата по планот на администрацијата на Обама, кој сега тежи „само“ 800 милијарди долари, расходи и даночни намалувања, со што би се отворил патот утре да се гласа по мерката.

Сенатските лидери очекуваат усвојување на планот со мнозинство гласови од демократите и само неколку републикански гласови. Поголемиот дел од републиканците се противат на мерката, велејќи дека таа е прескапа и дека треба да вклучува поголеми даночни олеснувања.

Претставничкиот дом веќе усвои една верзија на стимулативниот план. Откако Сенатот ќе ја усвои својата верзија, двата дома на Конгресот мора да се договорат за единствен предлог пред тој да биде испратен кај претседателот за потпис, со што ќе стане закон.

Претседателот Обама рече дека е убеден оти планот е потребен за да се скршне од патот на продлабочување на рецесијата и дека сака да го види документот на негова маса до 16 февруари.

Американскиот секретар за финансии Тимоти Гаитнер утре треба да соопшти како администрацијата планира да ги потроши 350-те милијарди долари одобрени минатата година за помош на американските финансиски институции.

XS
SM
MD
LG