Претседателот Дмитри Медведев повикува на постојан полициски надзор за одржување на јавниот ред и мир во Русија среде зголемена невработеност и криминал, кои дојдоа како резултат на глобалната економска криза.
Во обраќањето пред стотици припадници на полицијата во Министерството за внатрешни работи во Москва, Медведев истакна дека растечката невработеност може да резултира со зголемен криминал во Русија.
Тој вели дека главната задача на агенциите на спроведување на законот е да обрнат поголемо внимание на јавниот ред и мир, бидејќи Русија се наоѓа во мошне комплицирана ситуација поттикната од глобалната економска криза. Кризата креираше зголемена невработеност и други социјални проблеми во земјата. Како резултат на тоа, вели рускиот лидер, поединци ја злоупотребуваат ситуацијата, додавајќи дека полицијата не смее да дозволи ситуацијата да ескалира и да стане покомплицирана одошто е. Медведев ги повика агенциите за спроведување на законот да вршат надзор на состојбата на ниво на цела држава.
Во однос на сузбивање на корупцијата, рускиот претседател подвлече дека во последно време многу е зборувано за спречување на бирократите од мешање во деловните активности особено на малите и средните компании. Медведев притоа ги предупреди надлежните дека можат да вршат претрес за погрешно водење на бизнисот само доколку постои официјален доказ за вакви активности и во рамки на кривична постапка.
Руските бирократи и полицијата се обвинувани за уценување на легитимни бизниси, а врз основа на претреси без судски налог и поседување на неосновани обвиненија.
Рускиот претседател ја повика полиција да се справи со се позачестените криминални активности врз странските работници. Милиони од нив емигрирале во Русија во последниве неколку години за да избегаат од сиромаштијата во поранешните советски републики. Многумина од овие лица не само што ги губат работните места погодени од економската криза, туку се и напаѓани, дури и убивани, од страна на националистички групи кои ги обвинуваат странските работници за намалување на надниците и за одземање на работните места од рацете на Русите.