Линкови за пристапност

Лион Панета – нa добар пат да биде потврден за директор на ЦИА


Во јануари, претседателот Барак Обама го именуваше Лион Панета на функцијата директор на Централната разузнавачка агенција. Тој истакна дека поранешниот шеф на кабинет во Белата куќа е вистинската личност за оваа позиција.

За време на сенатскиот распит за неговото потврдување, Панета сепак подвлече дека нема големо искуство конкретно во разузнавачките прашања, но дека доколку биде потврден на функцијата, ќе го донесе своето вредно досегашно искуство. Тој рече дека го познава Вашингтон, и дека знае како функционира, и зошто не функционира.

На распитот пред Сенатската комисија за разузнавање доминираше прашањето за испрашување на лица осомничени за тероризам во странски земји. Панета истакна дека ќе стави крај на политиката затворениците да се испраќаат во трети земји на мачење.

„Таквиот вид екстремно испрашување, при што затвореници испраќаме за да бидат подложени на тортура во друга земја која ги прекршува нашите хумани вредности - тоа е забрането со извршна наредба“, изјави Панета.

Панета рече дека не би требало да биде поведена судска постапка против офицери на ЦИА кои применувале техники на испрашување како симулирано давење, доколку тоа им било наредено. Но, ако тоа го правеле знаејќи дека го надминува она што е легално, тогаш агентите треба судски да се гонат, кажа тој.

Пронаоѓањето на лидерот на Ал Каида, Осама бин Ладен и натаму е приоритет на агенцијата, рече Лион Панета. Тој додаде дека доколку биде фатен, Осама бин Ладен би бил ставен во воен затвор.

Панета се очекува да биде потврден на функцијата во рок од неколку недели.

XS
SM
MD
LG