Линкови за пристапност

Европскиот Парламент ги повика членките да го признаат независно Косово


Европскиот парламент усвои резолуција со која ги повика сите земји-членки на ЕУ да ја признаат независноста на Косово. Евро-пратениците гласаа со 424 „за“ и 133 „против“, а 24 беа отсутни.

Повеќето земји на ЕУ ја признаа независноста на Косово со исклучок на Кипар, Грција, Словачка, Шпанија и Романија.

Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ за телевизијата Б-92 рече дека резолуцијата е неприфатлива, истакнувајќи дека е спротивна на српскиот Устав и на меѓународно право.

Резолуцијата бара од Србија и натаму да покажува конструктивен однос спрема законите и безбедносната мисијата на ЕУ која оперира на Косово.

Во меѓувреме, членови на српската заедница во северно Косово со мирен протест ги блокираа граничните премини со Србија поради царинските операции кои ги постави мисијата на ЕУ. Демонстрантите негодуваа против новите царински пунктови затоа што со таквиот чин се поддржува независноста на Косово.

Лидерите на етничките Албанци на Косово прогласија независност од Србија пред близу една година, но Белград одби да го признае чинот.

XS
SM
MD
LG