Линкови за пристапност

Обама вели дека погрешил со номинацијата за здравство


Американскиот претседател Барак Обама кажа дека „оплескал", со номинирање на Том Дешл за Секретар за здравство, кој вчера ја повлече својата кандидатура.

Поранешниот сенатор Том Дешл се повлече од номинацијата поради задоцнетото подмирување на даночни обврски во висина од над 120.000 долари. Тој истакна дека не сака да го одзема вниманието од агендата на Обама.

Американскиот претседател во синоќешните интервјуа со телевизиските мрежи Си-Ен-Ен и Еј-Би-Си, изјави дека со жалење ја прифатил одлуката на Дешл. Обама рече дека немал намера да испрати порака за постоење двојни стандарди, за влијателните лица и обичните граѓани. Тој сепак кажа дека верувал оти Дешл би внел голема експертиза и искуство во реформите на здравствениот систем.

Инаку, вчера, кандидатурата ја повлече и Ненси Килефер, која требаше да биде прва на новоотвореното место за надзор на трошењето на парите од буџетот, исто така заради тоа што пропуштила да плати некои лични даноци.

Номинацијата на претседателот Обама за Секретар за финансии, Тимоти Гајтнер, исто така беше критикуван заради доцно плаќање на 34 илјади долари за даноци. Гајтнер на крајот беше прифатен на функцијата од Сенатот.

Првично номинираниот за нов Секретар за трговија, гувернерот на Ново Мексико, Бил Ричардсон, се повлече од процесот откако беше откриено дека бил под истрага заради зделки кои спаѓаат во зоната на конфликт на интереси.
XS
SM
MD
LG