Линкови за пристапност

Први средби и патувања на Хилари Клинтон како  државен секретар


Американскиот државен секретар Хилари Клинтон денеска се среќава со британскиот и германскиот колега, што се први средби откако ја презеде функцијата, а најави и патувања во Јапонија, Јужна Кореја и Кина.

Одвоените средби со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Милибенд и германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штаинмер, се одраз на динамичното темпо на Клинтон на оваа функција.

Официјални лица велат дека разговорите со двајцата клучни американски сојузници главно ќе се фокусираат на конфликтот во Авганистан и начините за справување со нуклеарната програма на Иран.

Високи дипломати од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија утре во Висбаден, Германија, ќе дискутираат за стратегијата во долготрајните разговори чија цел е да се убеди Техеран да ги прекине активностите за збогатување на ураниум, од кој може да се произведе нуклеарно оружје.

Претседателот Обама неодамна изјави дека неговата администрација има намера директно да се ангажира со Техеран. Засега нема информации за логистиката на планот на претседателот, иако вчера од Стејт департментот соопштија дека американски женски тим во бадминтон, неделава ќе учествува на турнир што се одржува во Иран, со што продолжува серијата контакти меѓу двете земји на неофицијално ниво.

Во меѓувреме во Стејт департментот се одржа и формална церемонија на положување на заклетва на функцијата државен секретар. Клинтон притоа ја повтори определбата за примена на таканаречената „умна сила" – комбинација на дипломатија, помош за развој и воена моќ, со цел зајакнување на американските интереси. Таа истакна дека иако актуелните светски проблеми се застрашувачки, тие не се несовладливи.

„Во раководството на претседателот Обама, добивме човек кој сака да се зближи со остатокот на светот и тоа да го стори без илузии – со сфаќање на разликите кои не смеат да се занемарат, туку да се посочи на нив директно и обмислено, истовремено искористувајќи ги сите можности кои ги имаме на располагање", истакна Клинтон.

Од Стејт департментот најавија и дека привршуваат подготовките за првата турнеја на Хилари Клинтон во странство на функцијата државен секретар. Таа кон крајот на наредната недела ќе ги посети Јапонија, Јужна Кореја и Кина, а можни се и други застанувања во регионот.

XS
SM
MD
LG