Со 75 гласови „за“ и 21 „против“, Сенатот синоќа го потврди изборот на претседателот Барак Обама на функцијата главен правобранител.Ерик Холдер стана првиот Афро-Американец на оваа позиција.
Сенатската комисија за правосудство минатата недела гласаше за номинацијата на Холдер, но гласањето потоа беше одложено од страна на републиканскиот сенатор Џон Корнин за една недела. Корнин се обидуваше да добие гаранции од Холдер дека нема да ги гони разузнавачките агенти кои учествувале во изведување на техниката симулирано давење врз лица осомничени за тероризам, за време на мандатот на претседателот Буш.
Холдер пред Сенатската комисија за правосудство кажа дека верува оти оваа процедура е тортура.
Техниката на испрашување што симулира давење е користена врз лица осомничени за тероризам кои биле во надлежност на американските сили.