Во време кога голем број индустриски гранки страдаат од економската криза во САД, многу Американци бараат работа во секторите отпорни на неа. Така, во здравството лани биле отворени 750.000 нови работни места, и покрај бројните отпуштања во други области.
Еден од оние кои ја сменил професијата е и Лорин Дан од Флорида. Новото работно место му овозможува мирен сон и спокојни моменти со сопругата Кејли и децата, 19-месечните близнаци Камерон и Ноа. Дан по седумгодишно работење како брокер на пазарот за домување - од каде и започна финансиската криза во САД - дал отказ и заминал во посигурни води – медицинскиот сектор.
-Беше тешко да ја напуштам професијата која со љубов ја вршев. Но имам семејство за кое треба да се грижам и пазарот на домување не беше во можност да ми помогне да го остварам тоа, вели Дан.
Во август почнал да работи во локална болница како медицински техничар, каде регистрира пациенти и им помага во плаќање на болничките сметки. Вели дека ужива во новата кариера и веќе не се грижи толку многу дека ќе ја загуби работата:
-Луѓето секогаш ќе се разболуваат и затоа сме ние тука, да се грижиме за нив. Здравствената индустрија е мошне силна гранка, без оглед колку е лоша економијата.
Експертите, сепак, предупредуваат дека ниту еден сектор не е имун на економско забавување. Гери Ерл е директор на агенција за вработување:
-Генерално гледано, рецесијата е продорна и ништо не е сигурно.
Ерл вели дека 70 проценти повеќе доаѓаат во неговата агенција во потрага по нова работа, споредено со лани.
Лорин Дан не ја исклучува можноста еден ден да се врати да работи како брокер на пазарот за домување, кога ќе се стабилизира. Сега-засега задоволен е и среќен поради новата професија „имуна" на рецесија.