Линкови за пристапност

Обама презема одговорност за поправање на економијата


Претседателот Барак Обама вели дека може да биде земен на одговорност за пренасочување на опаднатата национална економија и обезбедување на правилно користење на федералните пари кои ќе бидат одвоени за спас на финансиските институции и поттикнување на развојот.

Во интервју за телевизиската мрежа Ен-Би-Си, Обама изјави: „Подготвен сум да ја преземам одговорноста. Ми престојат четири години од мандатот. Сметам дека за една година од сега, значи во 2010, луѓето ќе увидат дека сме постигнале одреден напредок, но попатно и натаму ќе наидуваме на проблеми. Доколку во рок од три години не успеам да издејствувам економско опоравување во земјата, очекувам да не бидам реизбран на функцијата“.

Американскиот претседател предлага Конгресот да усвои пакет помош во вредност од 800 милијарди долари главно во даночни олеснувања. Мерката минатата недела беше усвоена во Претставничкиот дом, каде не наиде на поддршка кај Републиканците. Сега на потег е Сенатот.

Обама предупреди и дека американските банки и други финансиски институции и натаму се соочуваат со ризикот да пропаднат и покрај тоа што изминативе месеци добиваат федерална помош од стотици милијарди долари. Обама додава дека за подобрување на состојбата на овие институции, ќе бидат потребни дополнителни средства, настрана од регулативите со кои ќе се обезбеди оти парите одат во вистинска насока.

Американскиот претседател истакна и дека ќе биде потребно време за санирање на економската ситуација. Кризата во САД започна пред повеќе од една година, со проблеми со отплата на кредитите за домовите и неможност за нивно навремено подмирување. Оваа неповолна состојба негативно се одрази во целиот свет.

Во меѓувреме, во својот најнов извештај, Одделот за трговија наведува дека Американците и натаму помалку трошат и се обидуваат да заштедат. Потрошувачката, на која отпаѓа повеќе од половина од економската активност во земјата, заклучно со декември минатата година, бележи пад веќе шест последователни месеци. И додека вкупните заштеди на Американците се зголемени, приходите се намалени. Сите анализи укажуваат дека намалената потрошувачка е индикација оти Американците се се` позагрижени за својата економска сигурност.

XS
SM
MD
LG