Линкови за пристапност

Северна Кореја ги поништи сите договори со Југот – оттаму повик за дијалог


Северна Кореја соопшти дека ги поништува сите политички и воени договори со Јужна Кореја – најнов потег во серијата закани кон јужнокорејскиот и проамерикански претседател Ли Мјанг Бак.

Официјалната Корејска централна новинска агенција, која е под контрола на режимот во Пјонгјанг, објави изјава во која се вели дека Северна Кореја нема повеќе да се придржува до склучените договори со Јужна Кореја, меѓу кои и договорот за границата во Жолтото Море. Пјонгјанг ја обвинува владата во Сеул за туркање на двете земји на работ на војна.

Јужна Кореја изрази „длабоко жалење" за ваквиот став на Северна Кореја и го повика Пјонгјанг да се вклучи во дијалог за решавање на разликите.

САД ја критикуваа реториката на Северна Кореја, но најавија дека нема да скршнат од напорите за нуклеарно разоружување на Северна Кореја. Портпаролот на Стејт департментот Роберт Вуд кажа дека денешниот коментар на Северна Кореја „воопшто не помага". Дел од аналитичарите сметаат дека потегот на Пјонгјанг е со цел да го сврти вниманието на новиот американски претседател Барак Обама.

Северна и Јужна Кореја технички се` уште се во војна, со оглед на фактот дека никогаш не потпишаа мировен договор за крај на Корејската војна од 1950 до 1953-та. Границата во Жолтото Море меѓу двете земји ја демаркираше команда на ОН под американско раководство на крајот на војната.

XS
SM
MD
LG