Линкови за пристапност

Стручњаците велат Балканот не е приоритет за администрацијата на Обама


Во вашингтонските кругови деновиве интензивно се разговара за тоа што треба да се најде на врвот на политичката агенда на администрацијата на Барак Обама. Постои консензус дека економската криза убедливо го узурпира вниманието на јавноста, со што неминовно станува и главна преокупација на политичкиот врв.

Надворешната политика засега ќе почека, вели Џон Болтон, од Аmerican Enterprise Institute и поранешен постојан претставник на САД во ОН. Но, дури и кога ќе дојде на ред, тој не го гледа Балканот како приоритет. Блискиот исток и Иран ќе конзумираат голем дел од агендата, вели Болтон.

Истото прашање му го поставивме и на Џон Фефер од Institute for Policy Studies во Вашингтон, организација што работи на изградба на здрави демократски заедници во САД и во светот, кој има екстензивно искуство на Балканот.

„На агендата без сомнение ќе доминираат домашните прашања, економската криза. На надворешно-политички план, фокусот ќе биде на кризните подрачја на денот – Ирак, Авганистан, Пакистан, како и на некои тематски прашања, како на пример глобалното затоплување. Очигледно некои области во светот нема да добијат толкаво внимание колкаво заслужуваат. Балканот е еден пример за тоа", вели Фефер.

Но, Фефер забележува дека во администрацијата на Обама има членови кои внимателно ги следеле прашањата поврзани со Балканот. Рам Емануел, сегашниот шеф на кабинет, бил многу ангажиран на српските прашања. Самиот Обама даде изјава за поддршка на Косово, иако со многу внимателно избрани зборови. Но, регионот во целина во текот на кампањата не доби некое поистакнато место.

Дали ова ќе се промени во догледно време, Болтон вели дека е тешко да се каже.

„Во овој момент е рано во мандатот на оваа администрација. Мислам дека немаше толку подготовки за транзицијата колку што можеби се очекуваше. Не ги знаеме номинациите ни за некои од клучните функции, така што со отсуство на драматични настани на самиот Балкан, мислам дека засега нема да има промена на политиката на администрацијата на Буш."

Сепак, во вакви услови, имајќи го предвид блискиот датум на самиот на НАТО, Македонија не треба многу да се надева на активна американска поддршка. Болтон објаснува:

„Првиот нареден самит на НАТО доаѓа во април, што е многу рано по инаугурацијата на претседателот Обама. Би бил изненаден да имаат целосно формулирана позиција до тогаш. Се разбира, ќе мора да направат некакви подготовки, но би рекол дека многу прашања, специфично поврзани со Македонија ќе бидат оставени за подоцна, кога администрацијата ќе биде подлабоко навлезена во мандатот и ќе стекне повеќе искуство".

Но, Џон Фефер од Институтот за политички студии, вели дека е можно друго сценарио, но секако не во првите месеци на новата администрација.

„За да има некаков успех за Македонија",вели тој, „секако мора да се случи компромис од двете страни, грчката и македонската. Мислам дека може да се изведе теорија дека ќе има некакви надворешно-политички успеси по, како што се нарекуваат, прашања од втор и трет ред за администрацијата на Обама. Нема да видиме конвенционални успеси за Ирак, за Авганистан и тн. Но, по прашања што не се во преден план, како Македонија, администрацијата на Обама може да има успех, преку, да речеме, многу настојчива дипломатска иницијатива во регионот, со именување специјален пратеник, собирање на партиите за дискусии на високо ниво и тн. Администрацијата на Обама има голем број моркови што може да ги покаже и врз база на тоа да биде убедлива", вели Фефер.

Тој сепак додава дека „оваа контроверза трае повеќе од деценија и ние сме уморни од постоењето на тој проблем!" Но, влогот е доволно голем за луѓето во регионот, заради што верува дека администрацијата на Обама може на тоа да се насочи за ран надворешно-политички успех.

За ваквото сценарио засега има една видлива пречка.

„Ако некаков приод на администрацијата на Обама се пројави до сега, тоа е - трпение. Конфликтот меѓу Македонија и Грција не е итен, тој е политички, а не воен, и може да се претпостави дека администрацијата на Обама нема на тоа да пристапи со чувство на итност", вели Фефер.

Но, по првите сто дена, кога администрацијата нема да биде прокупирана со постигнување итни цели, тој верува дека ќе има простор да се посвети внимание на области кои се надвор од зенитот на интересот во овој момент.

XS
SM
MD
LG