Американскиот претседател Барак Обама го потпиша првиот закон откако стапи на функцијата. Актот им овозможува на работниците полесно да тужат за дискриминација со примање на различни плати за исто работно место. Тој е спротивен на претходна одлука на Врховниот суд, а енергично против него се бизнис-групи.
Законот ги отстранува ограничувањата врз работникот да поднесе тужба против работодавачот за дискриминација преку плата. Претседателот Обама вели дека законот испраќа силна порака:
-За да функционира нашата економија, треба да обезбедиме дека функцинира за секого. Нема работници од втор ред на нашите работни места. Тоа не само што е неправедно и незаконски, туку е лошо и за бизнисот – да му платиш некому помалку поради пол, возраст, раса, етничко потекло, вера или инвалидитет.
Законот се вика Акт за враќање на праведна исплата – Лили Ледбетер. Именуван е по жена од Алабама која работела во компанија за гуми. 70-годишната Ледбетер вели дека при крајот на 20-годишната кариера, станала свесна дека ја плаќале значително помалку од нејзините колеги – мажи, иако извршувала исти обврски. Севкупно, таа била помалку платена за стотици илјади долари.
Судијата пресудил во нејзина корист, но Врховниот суд ја поништил одлуката со образложение дека Ледбетер требала да поднесе тужба во период од 180 дена кога почнала наводната дискриминација. Таа тврди дека станала свесна за разликата во исплатата години подоцна.
Минатата година, тогашниот претседателски кандидат Обама ја поддржа каузата на Ледбетер. Таа се обрати на Демократската национална конвенција и беше дел од негов рекламен спот, во кој вели:
-Работев 20 години во оваа фабрика пред да ја дознаам вистината. Бев платена 40 проценти помалку отколку мажите, а вршев иста работа. Имав исти квалификации како и мажите во мојата фабрика. На моето семејство му требаа тие пари.
Корпорациска Америка не е среќна поради новиот закон. Најголемата бизнис-федерација – Американската трговска комора вели дека отстранувањето на временските ограничувањата за поднесување тужба го намалува капацитетот на работодавачите да подготват ефикасна правна одбрана:
Мајкл Истман е директор за трудова политика при Комората:
-Доброволното посредување и брзото решение на проблемите се можни само кога тужбите се доставени во определен временски период. Целта на законот нема да биде исполнета, ако на тужителите им се овозможи да чекаат со години пред да поднесат тужба. Законот ќе резултира во своеволни тужби против работодавците, а од тоа корист ќе имаат само адвокатите.
Случајот со Ледбетер го подвлекува фактот дека некои жени и малцинства и натаму примаат помалку отколку мажите или колеги кои не се дел од малцинствата. Белата куќа наведува дека дискриминацијата преку исплата е неприфатлива, особено во сегашните тешки економски времиња.