Американскиот претседател Барак Обама се надева дека планот за стимулирање на економијата што вчера го усвои Претставничкиот дом може дополнително да се подобри пред да дојде на негова маса за конечен потпис.
Домот го одобри планот во вредност од 819 милијарди долари без ниту еден глас за од републиканска страна, иако Обама се надеваше дека ќе добие натпартиска поддршка за него. Републиканците велат дека мерката содржи многу непотребни трошоци и недоволно даночни скратувања.
Сенатот подготвува своја верзија на пакетот – во кој се вклучени дополнителни даночни скратувања од 70 милијарди долари – и треба да расправа по него наредната недела. Потоа, обата дома на Конгресот ќе треба да ги разрешат разликите во своите верзии, пред конечниот пакет да се најде на потпис кај американскито претседател.
Обама најави дека поголемиот дел од парите веднаш ќе се употреби на проекти за спасување на работни места, или создавање на три милиони нови. Мерката предвидува финансирање за бројни домашни проекти и милијарди долари во даночни скратувања.