Линкови за пристапност

Полза или штета од преименувањата на објекти во Македонија?


Градскиот стадион во Скопје ќе биде „Арена Филип Втори“, автопатот Табановце-Гевгелија – „Александар Македонски“. Најновите преименувања на неколку клучни инфраструктурни објекти во Македонија веќе го поделија јавното мислење во земјата: за, против и ирелевантно. Во очекување на извесна реакција од Грција, познавачите на меѓународните односи се поделени по тоа како оваа одлука ќе влијае на имиџот на Македонија.

Се загрозуваат евроинтеграциите и македонската позиција во преговорите со Грција. Тоа е непотребно - коментира професорката Билјана Ванковска:

Секако дека се влошува позицијата, и испраќа порака дека во Македонија има една влада која дејствува по инает и отпор кон она што како притисок го покажува меѓународната заедница.

Оваа политика, додава Ванковска, има оправдување на домашен план, но ја влошува позицијата на Македонија надвор.

Професорот по меѓународно право Васко Наумовски, пак, смета ваквата политика на Македонија е нешто веќе видено во Грција.

Кога сме кај преименувањето, не би требало да го игнорираме фактот дека државата која со правни акти има преименувано стотици имиња на градови и села со цел да се обезличи нивниот карактер е токму Грција. Двете држави би требало да се насочат кон решавање на вистинскиот проблем - разликите во врска со името, а сите овие можни прашања кои го опкружуваат овој спор имаат второстепено значење и нивната проблематичност би се разрешила во периодот по решавање на спорот со името.

Меѓународната заедница веднаш по објавувањето на одлуката на Владата за преименувањата, предупреди дека се работи за опасен потег. Од ЕУ апелираа Македонија да избегнува одлуки кои од грчка страна би се сметале за провокација и би ги загрозиле добрососедските односи. САД би сакале да видат демонстрација на добра волја од обете страни и заеднички напори за воспоставување попозитивни меѓусебни односи.

XS
SM
MD
LG