Линкови за пристапност

Економската криза за Американците значи прилагодување на помалку, надеж за подобро 


Во време кога претседателот Обама бара поддршка од Конгресот за стимулативниот пакет за спас на економијата, некои Американци наоѓаат креативни начини да се справат со најтешката економска криза во САД уште од времето на Големата депресија.

Според економистите, 11 милиони Американци останале без работа, на други им се намалиле платите. Луѓето се справуваат со кризата на различни начини.

Грег Пери бил банкар специјализиран за хипотеки. Сега чисти чевли. Овој командант на тенк од операцијата Пустинска луња раскажува како се чувствувал кога го отпуштиле:

-Шок, страв. Што ќе правам сега?

Пери научил неколку лекции од животот и денес управува со шест штанда за чистење чевли.

-Не запирајте. Депресијата може да го одземе најдоброто во вас. Продолжете, чекор по чекор и имајте верба, порачува Пери.

Мајкл Аркус и сопругата Норма ги сочувале работните места, но ја загубиле куќата под хипотека. Сега живеат во дел од нивните канцеларии.

Овој простор е голем колку просторот за гардероба во нашата претходна куќа. Минавме низ серија емоции. Тага, гнев, се` друго. Но, на крај на краиштата, тоа е само куќа, вели Мајкл.

Најтешкото е привикнување на новата рутина. „Изминативе 25 години не моравме да ја переме облеката во јавни перални", коментира Мајкл.

Мајкл и Норма се зачлениле во фитнес клуб, каде користат тушеви. А, за храна, најчесто на менито им е замрзната храна, подгреана во микробранова печка.

Мајкл сепак вели - сега-засега е добро. Имаат покрив над главата и нов поглед кон животот:

Не сум некој посебен случај. Ако јас можев да се вратам, можат и другите. Кренете се иправете го она што и досега сте го правеле.

Семејството Аркус признава дека загубило многу, но затоа и планира да врати - се`.

Тоа, сепак, може да потрае. САД се во рецесија од декември 2007-ма. Стручњаците предвидуваат дека економскиот пад ќе биде долг - најдолг од Втората светска војна - наваму.

XS
SM
MD
LG