„Америка мора да ја игра својата ролја во воведувањето на новата ера на мир", изјави претседателот Барак Обама во неделното обраќање до нацијата за правецот на неговата политика. Тој рече:
„Америка е пријател на секоја нација, маж, жена и дете кои бараат иднина на мир и достоинство."
Зборувајќи пред рекорден број лица на инаугурацијата, американскиот претседател Барак Обама изнесе нова визија на глобално лидерство за САД, потенцирајќи дека „здравите сојузништа и истрајните убедувања" ќе играат важна улога во американската надворешна политика:
„На оние кои се држат на власт со корупција и измама и замолчување на неистомислениците - знајте дека сте на погрешната страна од историјата; но дека ќе ви подадеме рака ако ја олабавите тупаницата."
На првиот ден на функцијата, претседателот Обама имаше средби со високи советници за прашања врзани за воените операции во Ирак и во Авганистан. Тој исто така рече дека ќе почне да работи со старите пријатели и непријатели да ја редуцира нуклеарната закана.
Во неговиот говор, тој апелираше посебно на муслиманскиот свет, кој кон САД и нивната политика гледаше скептично во изминативе години:
„Бараме нов пат напред, базиран на взаемен интерес и взаемно почитување", кажа тој.
САД и глобалната заедница се соочуваат со проблеми кои се сериозни и многубројни, рече Обама. „Нема да бидат решени ниту лесно ни брзо, но ќе бидат решени", подвлече американскиот претседател.