Линкови за пристапност

Со побарувачката на нуклеарна енергија, опасност од ширење на нуклеарното оружје


Претседателот Обама повика светот да сврти внимание на проблемот, а според експертите неговиот предизвик ќе биде да издејствува нови правила за да и` помогне на Меѓународната агенција за атомска енергија во контролата на нуклеарниот материјал од кој може да се произведе оружје.

Нуклеарните експерти предупредуваат дека додека земјите се свртуваат кон нуклеарна енергија за да го намалат проблемот со глобалното затоплување, некои може и да произведат нуклеарно оружје. Обама се осврна на прашањето за време на говорот при стапувањето на функцијата:

Со старите пријатели и поранешни непријатели неуморно ќе соработуваме за да ја намалиме нуклеарната закана и да го намалиме глобално затоплување“.

Група експерти на тркалезна маса во Американскиот институт за мир во Вашингтон, деновиве ја повикаа владата на претседателот Обама да издејствува нови меѓународни мерки за нуклеарната енергија. Тие предлагаат земјите да набавуваат нуклеарно гориво за енергија, но со обврска преработеното гориво да биде вратено на Меѓународната агенција за атомска енергија. Експертите додаваат дека меѓународната заедница е таа која мора да гарантира дека горивото било употребено на безбеден начин и за мирољубиви цели, а не за производство на оружје.

Аналитичарите сметаат и дека Обама ги наследува и проблемите во таа насока со Северна Кореја и Иран. Сепак, поранешниот американски потсекретар за одбрана Ерик Еделман верува дека дипломатијата може да даде резултати:

Ќе биде потребно поефикасно да го задржиме вниманието на меѓународната заедница за можните последици во иднина и поефикасно да ги користиме економските санкции што беа воведени против Северна Кореја и Иран“.

ОН воведоа три рунди на санкции против Иран за да запре со програмата за збогатување на ураниум, но земјата одбива да го стори тоа. Експертите велат дека една од причините е што односите на Вашингтон со Москва се на мошне ниско ниво. Роберт Џозеф од Националниот институт за јавна дипломатија смета дека Русија има сопствени стратешки и комерцијални интереси по ова прашање. Сепак, се надева дека администрацијата на Обама ќе биде во можност да постигне одреден договор со Москва, се` во име на националниот интерес на обете земји и за намалување на ризикот од ширење на нуклеарното оружје.

XS
SM
MD
LG