Линкови за пристапност

Книги од Конгресната библиотека на Интернет


Конгресната библиотека е најголема во светот со десетици милиони книги што привлекуваат научни работници кои делата ги користат за истражување. За сите корисници – добра вест: наскоро тие нема да мора да патуваат до Вашингтон и делата ќе можат да ги најдат на Интернет.

Конгресната библиотека се движи кон дигиталната ера. Еден од начините да се стори тоа е преку скенирање, со чија помош сега на Интернет се достапни 25.000 книги.

Дорон Вебер од Фондацијата Алфред Слоан која го финансира проектот тежок два милиона долари, ја истакнува важноста од комплетно скенирање или пресликување на книгите за да се заштити нивниот културен контекст.

Тој објаснува дека да се заштити знаењето од книгата и културата на книгата треба да се зачува секој збор од секоја реченица по ред во вистинското издание, со соодветната историска, научна и библиографска содржина.

Процесот на скенирање се врши преку Интернет архива. Оваа непрофитна група со седиште во Сан Франциско има за цел да ги заштити културните артифакти, како музички записи, веб страници и книги. Сето ова прави да биде на располагање на Интернет.

Скенирањето на книгите во Конгресната бибилиотека која се наоѓа во непосредна близина на американскиот Конгрес оди брзо со десетте пунктови за скенирање опремени со најсовремена технологија.

Од библиотеката велат дека книгите на Интернет се користат многу почесто споредено со тврдите копии на полиците. Некои книги што кој знае колку долго никој не ги побарал, сега се разгледуваат и се користат за истражувања, што особено ги радува инволвираните во проектот.

Книгите кои се земени за дигитализирање се стари најмалку 75 години, што значи дека немаат заштитени авторски права и корисниците на Интернет можат слободно да ги читаат и да прават свои копии.

Во моментов постојат и други проекти на скенирање. Компанијата Гугл има склучено договори со познати библиотеки во Европа, Азија и САД, за сканирање на книги од нивните колекции.

Скенираните книги од Конгресната библиотека може да се најдат на адреса на Интернет архивата – www.archive.org

XS
SM
MD
LG