Западните медиуми јавија дека едно лице кое било ослободено од притворниот центар Гванатанамо во Куба се пројавило како заменик лидер во јеменскиот огранок на Ал-Каида.
Оваа вест е објавена на интернет страницата на Ал-Каида.
Весникот „Њујорк тајмс“ цитира официјален американски претставник на контра-разузнавањето кој го потврди соопштението на Ал-Каида.
Поранешниот притвореник е идентификуван како Саид Али ал Шихри, кој бил ослободен од Гвантанамо кон крајот на 2007-ма, од каде заминал за Саудиска Арабија пред да отпатува за Јемен.
Весникот вели дека тој бил осомничен за учество во автомобилскиот бомбашки напад пред американската амбасада во главниот град на Јемен, Сана минатата година, при што загинаа 16 лица, вклучувајќи и шестмина напаѓачи.
Минатата недела, американскиот Оддел за одбрана соопшти дека за 61 поранешен затвореник од Гвантанамо има потврда дека се вратиле на терористички активности.
Во четвртокот, американскиот претседател Барак Обама нареди затварање на притворниот центар во Гвантанамо во една година. Специјален тим назначен од него треба да даде препораки за иднината на 245 преостанати притвореници кои сеуште се во контроверзниот затвор.