Американскиот претседател Барак Обама на вториот ден на функцијата потпиша извршна наредба за затворање на армискиот притвор во Заливот Гвантанамо на Куба во рок од една година. Притворот беше отворен додека на власт беше претходниот претседател Џорџ Буш, со цел таму да се чуваат лица од странство осомничени за тероризам.
Обама исто така потпиша наредби за преглед на воените судски процеси против лицата осомничени за тероризам, како и забрана за употреба на строги техники на испрашување.
Неколку часа откако положи заклетва на функцијата, претседателот Обама заедно со секретарот за одбрана Роберт Гејтс им наложи на армиските обвинители во случаите од Гвантанамо да побараат привремен прекин на процесите за 120 дена. Меѓу процесите што беа прекинати како резултат на тоа се и оние против пет лица обвинети за осмислување на терористичките напади врз САД во 2001-та.
Обама денес се сретна со пензионирани армиски офицери со кои разговараше за извршните наредби за притворање и техники на испрашување. Утрово се сретна со економските советници, а има и закажано посета на Стејт департментот.