Линкови за пристапност

Бајден и Чејни имаат различен пристап за потпретседателската функција


Поранешниот сенатор Џо Бајден положи заклетва на потпретседателската функција, наследувајќи го Дик Чејни. И обајцата политичари имаат различни ставови за нивните ангажмани.

За време на кампањата во 2008, демократот Џо Бајден рече: „Потпретседателот Дик Чејни е најопасниот потпретседател досега, веројатно најопасниот во американската историја“.

За време на осумте години на потпретседателската функција, Дик Чејни имаше мошне активна улога. Покрај советодавната улога, објавените извештаи сугерираат дека тој имал силно влијание на имплементиирањето на американската политика.

Новинарот Бартон Гелман од Вашингтон пост, добитник на Пулицеровата награда, е и автор на книга посветена на кариерата на Дик Чејни:

„Тој едноставно беше доминантен играч по различни прашања, почнувајќи со намалувањето на даночните стапки во 2003, третманот на осомничените терористи, па се до курсот на војната и номинирањето на судии во Врховниот суд. Воедно, важно е да подвлече дека оној кој ги носеше одлуките беше Џорџ Буш“.

Чејни вели дека медиумите ја пренагласувале неговата улога. Во неодамнешно интервју за телевизијата Фокс, Чејни го критикуваше Бајден за изјавата дека има намера да го намали влијанието на подпретседателската функција:

„Доколку Бајден сака да ја намали моќта на оваа функција, тоа е негов избор. Сметам дека новоизбраниот претседател Обама ќе одлучи што ќе очекува од неговиот потпретседател. Од начинот на кој дискутираат на оваа тема, Обама не очекува Бајден да има толку важна улога, каква што имав јас“.

И други експерти се согласни дека Бајден ќе има важна советодавна улога, но оти нема да биде толку независен како Чејни.

Новоизбраниот и стариот подпретседател се разликуваат и на личен план. Додека Бајден е познат по неговата комуникативност, Чејни претпочита да го користи своето влијание зад политичката сцена, додаваат аналитичарите.

Кенет Волш, главен известувач од Белата куќа за магазинот U.S. News and World Report. Тој очекува Бајден да се концентрира на политиката од која корист ќе има средната класа, како и тоа да биде влијателен советник на Барак Обама.

„Бајден е во вашингтонските кругови повеќе од 30 години, има огромно искуство во надворешната политика, националната безбедност, правосудството“, вели Волш.

Додека Џо Бајден можно е да не презентира толкаво влијание како Дик Чејни, сигурно е дека нема ниту да се врати на традиционалната улога на американските подпретседатели, чии главни ангажмани беа претседавање со Сенатот и присуство на државни погреби.

XS
SM
MD
LG