Бескрајни редици луѓе уште од мугри се влеваат во Националното шеталиште во централниот дел на Вашингтон, за да заземат што е можно подобро место за инаугурацијата на новиот американски претседател Барак Обама – првиот афро-Американец на оваа функција.
Целиот ден на Обама е планиран според стриктната процедура на инаугурацијата. Најпрвин - на утринска молитва во црква веднаш до Белата куќа. Потоа - со сопругата Мишел, новиот потпретседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил, ќе појдат на кафе кај претседателот на заминување Џорџ Буш.
Над милион луѓе се очекува да се соберат во централното градско подрачје за да ја проследат заклетвата на функцијата и говорот на Обама што по традиција се одржува пред најдемократското место во Вашингтон – скалите на Конгресот. Музички вовед во овој симболичен чин на мирно и непрекинато предавање на власта во САД веќе 220 години ќе дадат легендарната вокалистка Арета Френклин, челистот Јо-јо Ма и виолинистот Ицак Перлман.
Точно на пладне – или 18 часот по македонско време - со рака на Библијата на која заклетва дал и човекот кој го укина ропството во САД - Абрахам Линколн, Обама ќе каже дека „свечено се обврзува дека верно ќе ја спроведува функцијата претседател и дека ќе го чува, штити и брани Уставот на САД“. Потоа следи неговиот многу очекуван говор –Американците со нетрпение сакаат да чујат со што најпрвин има намера да се зафати човекот кој ги доби изборите на ветувањето за промени и слоганот „Да, можеме“ – економската криза, натамошниот американскиот ангажман во Ирак и Авганистан, борбата против тероризмот, или враќање на американското дипломатско лидерство во светот, како што најави неговиот кандидат за нов државен секретар – Хилари Клинтон.
Досегашниот претседател Буш по инаугурацијата со хеликоптер ќе замине од Вашингтон. Обама, пак, по ручекот во Конгресот, ќе учествува на парадата што ќе го однесе во новиот дом - Белата куќа. За вечер се планирани редица инаугурални балови за кои веќе одамна нема влезници, а треба да бидете и пригодно облечени. Главен гостин – нормално, Обама. Меѓу забавувачите – ритам и блуз легендата Стиви Вондер, кантри-пејачката Фејт Хил, раперот Комон и комичарот Џорџ Лопез.
Едно лице сигурно нема да биде на инаугурацијата – секретарот за одбрана Роберт Гејтс, кој според правилата е „назначен наследник“ на Обама во случај на несакан инцидент во кој нешто би му се случило на новиот претседател. Целта на процедурата е да се осигура континуитет на владата. Обезбедувањето во Вашингтон е на огромно ниво - вакви мерки вашиот известувач не видел во десетте години живеење и работа во градот.