Линкови за пристапност

Факти зад претседателската инаугурација


На 20 јануари, Барак Обама ќе положи заклетва на функцијата претседател. Обама ќе биде 44-от претседател на САД и првиот со афро-американско потекло.

Темата на овогодишната инаугурација е „Ново раѓање на слободата“, во чест на 200-та годишнина од раѓањето на Абрахам Линколн, еден од најистакнатите поранешни претседатели на САД, кој стави крај на ропството во земјата.

Чинот на положување на заклетва и годинава ќе биде на скалите пред американскиот Конгрес. Новоизбраниот претседател Обама ќе ја користи истата Библија што ја користел Абрахам Линколн. Чинот на положување на заклетвата е единствениот дел од инаугурацијата кој е задолжителен со Уставот на САД.

Претседателот Џорџ Буш и сопругата Лора ќе заминат по церемонијата пред Конгресот, со хелихоптер, традиција на секој претседател на заминување која датира уште од 1977 година.

Исто така традиционално, уште од првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон во 1789 година, новиот претседател има инаугуративно обраќање до јавноста.

Претседателот Вашингтон за време на втората инаугурација во 1793 имаше најкус говор, со само 135 зборови.

Во 1841-та, претседателот Вилијам Хенри Харисон имаше најдолг инаугуративен говор со преку 8.000 зборови. Бил студен и долждлив ден. Претседателот Харисон одби да облече капут или да стави капа и истиот ден се разболе. Еден месец подоцна тој почина од пневмонија. Тоа е првиот претседател на САД што починал за време на својот мандат.

Друга традиција е ручекот по церемонијата. По положувањето на заклетва и обраќањето на претседателот, Обама и новоизбраниот потпретседател Џо Бајден со семејствата имаат ручек со членовите на Конгресот, одговорни за организирање на инаугурацијата. Оваа традиција датира уште од 1897 година.

По ручекот, новиот претседател и неговиот заменик ќе ја предводат парадата сочинета од воени и граѓански групи, по Авенијата Пенсилванија до Белата куќа.

Традицијата на парада започнала со Џорџ Вашингтон. Афро-Американците за прв пат учествуваа на парада за време на втората инаугурација на Абрахам Линколн во 1865. Жените за прв пат се здобија со право да учествуваат на парада во 1917 година за време на втората инаугурација на Вудроу Вилсон.

Во рамки на прославата на денот на инаугурација, традиционални се и гламурозни балови, како знак на добредојде на новиот претседател. Новоизбраниот претседател Обама ќе присуствува на неколку од нив, вклучувајќи го и „Балот на соседството“ на кој ќе учествуваат многубројни музички ѕвезди, како Бјонсе, Мери Џеј Блајџ, Феит Хил, Џеј Зи, Алиша Кис, Шакира, Стиви Вондер и Ник Кенон. Настанот ќе биде пренесуван на националната телевизија.

XS
SM
MD
LG