Линкови за пристапност

Денот на Мартин Лутер Кинг - време за оддавање на почит


Американците го слават наследството на поборникот на граѓански права Мартин Лутер Кинг. Доколку беше жив, Кинг ќе имаше 80 години. Пред повеќе од 50 години тој водеше кампања ширум САД, со мирни протести борејќи се за еднакви права за Афро-Американците.

Кариерата на Мартин Лутер Кинг како лидер за човекови права започна во 1955-та, со иницијатива за десегрегација на јавниот автобуски превоз во Монтгомери, Алабама.

Во август 1963, таа иницијатива се претвори во национално движење. Над 250.000 луѓе учествуваа во маршот на Вашингтон. Целта беше да се изврши притисок на законодавците за усвојување закон за граѓански права, што би ставил крај на расната дискриминација. Поранешниот активист за граѓански права, Роџер Вилкинс, бил еден од учесниците во маршот пред споменикот на Линколн, во Вашингтон. Тој вели: „Беше прекрасен топол летен ден, а луѓето беа полни со живот. Убаво беше тоа чувството на сплотување. Лично, за прв пат во животот ја почувствував тежината на американската свест".

Токму овие мирни протести и неговите говори го туркаа напред движењето за еднакви граѓански права, а нацијата ја држеа фокусирана на прашањето за еднаквост.

Д-р Кинг е добитник на Нобеловата награда за мир во 1964, а истата година, претседателот Линдон Џонсон го потпиша Актот за почитување на човековите права. Следната година беше донесен Актот за гласачки права. Расната сегрегација на јавни места и дискриминаторската политика спрема црнците кои до тогаш немаа право на глас, станаа незаконски.

Последната кампања на Мартин Лутер Кинг беше во Мемфис, Тенеси, во март и април 1968. Тој предводеше протести за поддршка на штрајкувачките санитарни работници. Овие протести станаа насилни кога млади милитанти почнаа да опустошуваат продавници. Настаните го вознемириле Кинг, кој решил да се врати во Мемфис за да предводи мирни демонстрации. Вечерта, на 4-ти април 1968 во мотелот Лореин, врз Кинг беше извршен атентат.

40 години подоцна, животот и делото на Кинг се прославува заедно со многуте негови реализирани соништа, вклучувајќи го и изборот на Барак Обама како прв афро-американски претедател на САД.

XS
SM
MD
LG