Линкови за пристапност

Воочи инаугурацијата, Барак Обама го одбележува Денот на Мартин Лутер Кинг


Денес новоизбраниот американски претседател Барак Обама посети дом за млади бездомници, каде се поздравуваше со волонтерите и помогна во бојадисување на еден од ѕидовите на зградата. Обама ги повика сите Американци да се вклучат во активностите за општо добро.

Потоа тој и се придружи на сопругата Мишел која беше дел од проектот за подготовка на пакети за американските војници во странство. Новиот лидер на САД беше и во Медицинскиот центар Волтер Рид, каде посети неколкумина повредени американски војници.

Денот на Мартин Лутер Кинг е федерален празник во САД што традиционално се одбележува со учество во доброволни активности.

Во писмено соопштение Обама истакна дека целта на денешниот ден не е само да му се оддаде почит на делото на Мартин Лутер Кинг, туку е и можност за акција. Тој ги повика Американците напорите за општо добро да ги искористат за подобрување на заедниците во кои живеат и да помогнат во поправање на животните услови на другите.

Барак Обама утре ќе стане првиот афро-американски претседател на САД. Тој подвлече дека насобраните граѓани на чинот на инаугурацијата ќе бидат сведоци на историскиот настан што ќе се случи на истото место од каде во 1963-та Мартин Лутер имаше говор за расната еднаквост.

А вечерва, Обама ќе биде домаќин на одвоени вечери во чест на републиканскиот сенатор Џон Мекејн, новоизбраниот потпретседател Џо Бајден и поранешниот државен секретар Колин Пауел.

Сопругите на Обама и Бајден, Мишел Обама и Џил Бајден, ќе бидат домаќини на бесплатен концерт за млади во чест на семејствата на припадници на американската армија.

На Денот на инаугурацијата се очекува да присуствуваат преку милион жители. Секретарот за одбрана, традиционално, за време на инаугурацијата ќе биде на тајна локација и ќе биде одговорен за безбедноста на земјата, во случај на неочекувани настани, додека актуелниот претседател и неговиот наследник се заедно. Овојпат тоа ќе биде секретарот Роберт Гејтс.

XS
SM
MD
LG