Линкови за пристапност

Обама на пат да направи историја како 44-ти претседател на САД


По победатa на изборите во ноември, Обама најави дека ќе ги реализира ветувањата што ги даде на почетокот на кампањата за претседател, пред речиси две години:

„Долго време доаѓаше овој момент, но вечерва, поради тоа што го направивме вечерва, на овие избори, промените дојдоа во Америка",кажа тој.

Но, новоизбраниот претседател јасно стави до знаење дека негов прв приоритет ќе биде големиот владин план наменет за враќање во живот на ослабената економија: „Светот зависи од силата на нашата економија и сега следи и чека Америка повторно да предводи. Тоа и ќе го сториме."

Обама доаѓа во Белата куќа во време кога земјата се соочува со големи предизвици, дома и во странство. Се очекува тој да го искористи обраќањето на инаугурацијата за да ги увери Американците во светлата економската иднината на земјата, како што претседателот Френклин Рузвелт стори на првата инаугурација во 1933-та, во време на Големата депресија:

„Пред се, сакам да ви го пренесам моето цврсто уверување дека единствена работа од која треба да се плашиме е самиот страв."

Имајќи ги во предвид ораторските способности, приврзаниците на Обама очекуваат новоизбраниот претседател да биде инспиративен во инаугуративното обраќање, слично како претседателот Џон Кенеди со неговата позната реченица со која повика на јавна служба, за време на неговата инаугурација во 1961-ва:

Мои сограѓани Американци, не прашувајте што може да стори државата за вас, туку што може вие да сторите за државата."

На претседателската инаугурација во јавноста се гледа како на траен симбол на американската демократија.

Алан Лихтман е историчар за претседателската традиција на Американскиот универзитет во Вашингтон:

„Немаме многу ритуали во американската политика. Затоа инаугуративниот ритуал е мошне значаен, бидејќи означува мирно префрлање на власта од една администрација на друга, и во овој случај, од една партија на друга".

На претседателските инаугурации честопати се гледа како на обележје на промена или политичко свртување во САД.

Во 1981-ва, претседателот Роналд Реган го искористи инаугуративното обраќање да ја потенцира својата филозофија за помало потпирање на владата, а повеќе на приватниот бизнис и моќта на поединците:

„Во актуелната криза, владата не е решение за нашиот проблем. Владата е проблемот."

Како и Реган, Обама се соочува со лоша економија.

Стивен Хес од Институтот Брукингс вели дека и покрај величината на тешките предизвици што се пред Обама, тој се соочува и со големи можности:

„Тој има голема агенда и тоа самото по себе е можност за успех. Погледнете ја историјата на САД. Сите големи претседатели добиле во величина заради тоа што биле на функцијата во многу важни моменти."

Обама веќе е на пат да се најде во книгите по историја затоа што е првиот Афро-Американец на престижната функција.

Инаугурацијата на Обама има одраз и преку границите на САД. Експертот Стивен Хес вели дека невидениот меѓународен интерес за време на претседателската кампања ќе продолжи и во првите месеци од претседателскиот мандат на Обама:

„Тој има корени не само на Пацификот, не само на Хаваите, туку и во Индонезија. Има африкански корени од неговиот татко. Целиот свет има чувство дека има некаква поврзаност со новиот претседател на САД".

Обама го почнува претседателствувањето со добра волја на народот. Неодамнешните анкети покажаа јавна поддршка за начинот на кој се справува со претседателската транзиција и сугерираат дека многу Американци, барем во првата фаза, имаат доверба во неговата способност да ја води и обедини земјата.

XS
SM
MD
LG