Линкови за пристапност

Проштален говор на Џорџ Буш до нацијата 


Во своето последно телевизиско обраќање од Белата куќа Буш призна дека напати доживеал неуспеси за време на осумте години на функцијата, но затоа кажа дека се водел од својата совест, дека постапувал како што сметал дека било исправно, како и дека бил подготвен да донесува „тешки одлуки“.

Претседателот на заминување се наврати на терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва, подвлекувајќи дека неговата политика спречила нови терористички напади против САД. Во однос на војните во Авганистан и Ирак, Буш рече дека обете земји биле ослободени од угнетувачки режими и се трансформирале во млади демократии.

Тој порача Американците да не го спуштаат гардот пред терористичката закана и да продолжат да бидат активни во светот со „сигурност и јасна цел“.

Буш го пофали својот наследник Барак Обама, кој на инаугурацијата на 20-ти јануари ќе стане првиот претседател - афро-Американец. Во вчерашната проштална посета на Стејт департментот, тој заедно со државната секретарка Кондолиза Рајс ја повика новата влада да продолжи со напорите да промовира слобода ширум светот.

XS
SM
MD
LG