Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун вели дека е огорчен поради израелскиот артилериски напад врз главниот комплекс на ОН во Градот Газа, во исто време кога израелските сили навлегоа длабоко во неговиот центар, со што многу лица останаа затекнати во своите домови.
Бан, кој е во Тел Авив во обид да постигне прекин на огнот, рече дека израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак му порачал дека нападот во кој биле повредени три лица бил “голема грешка“.
И Израел, и палестинската милитантна група Хамас се оглушија на повикот на ОН за прекин на борбите. Виш израелски претставник денес е во Каиро на разговори за планот за примирје што го предложи Египет.
Според медицински извори, во судирот досега загинале преку 1.000 жители на Газа – од кои 300 деца. Израел тврди дека целта на армиската операција е да го запре Хамас да врши напади врз израелска територија. Во судирот загинаа и 13 Израелци.