Линкови за пристапност

Претседателската инаугурација во САД ја симболизира мирната транзиција на власта веќе 220 години


Инаугурацијата на новиот американски претседател Барак Обама е круна на политичкиот процес што започна пред повеќе од еднаипол година, кога кандидатите за прв пат ги обелоденија аспирациите за Белата куќа. Инаугуративната церемонија е традиција и симболика - да се покаже континуитетот и моќта на американскиот политички систем.

Точно на пладне, на 20-ти јануари, по повеќе од два месеца од претседателските избори, во Вашингтон и официјално ќе дојде до примопредавање на власта. Инаугурацијата е непрекинат процес што започна уште пред 220 години или од 1789-ма година, кога првиот американски претседател Џорџ Вашингтон положи заклетва на функцијата.

- Инаугурацијата е неверојатно моќен симболичен момент за американскиот народ, бидејќи е време кога еден демократски избран претседател заминува од функцијата и друг демократски избран претседател ја презема. Транзиција е мирна и церемонијална.
Примопредавањето на власта започнува претпладне, кога новоизбраниот претседател пристигнува во Белата куќа на средба со претседателот на заминување. Потоа обајцата се упатуваат кон зградата на Конгресот, каде ќе се одржи церемонијата на инаугурација.
Точно напладне, новиот претседател дава заклетва со која раководи главниот судија на Американскиот врховен суд. Додека трае заклетвата, раката на идниот претседател по традиција е положена на Библијата. Овој обичај, што датира уште од времето на Џорџ Вашингтон, не значи и директна врска со христијанството, вели професор Ром:

- Причината е не да се истакне некоја конкретна концепција за Господ, не е од религиозни причини, туку од - како што ја нарекуваме - граѓанска или јавна религија – дека постои нешто пошироко од само народот, дека постои нешто духовно во врска со нашата нација.

Во чест на новиот претседател потоа следи почесна стрелба, по што тој за прв пат официјално и` се обраќа на нацијата. Професор Ром коментира:

- Очите на светот ќе бидат свртени кон него, како и вниманието на нашата земја - за тоа како ќе ја дефинира својата визија за претседателската функција.

По церемонијата пред Конгресот, стариот претседател си заминува, а новиот се упатува кон Белата куќа, проследен со парада во чест на инаугурацијата.


XS
SM
MD
LG