Линкови за пристапност

Хилари Клинтон на сенатски распит за потврдување на функцијата државен секретар


Кандидатката за нов државен секретар Хилари Клинтон денес се појави на распит за потврдување на функцијата пред Сенатската комисија за надворешни работи.

Довчерашна конкурентка на Обама на претседателските избори, а сегашен клучен член на неговиот кабинет, Клинтон во излагањето нагласи дека САД и светот се соочени со многу опасности, како војните во Ирак и Авганистан, терористичката закана и ширењето на оружјето за масовно уништување.

Клинтон вети обновување на американското лидерство и ревитализација на американската дипломатија. Таа го поддржа принципот познат како „умна сила“, односо користење на сите средства во надворешната политика. Клинтон рече дека дипломатијата ќе биде на прв план во американската политика. Поранешната прва американска дама ги подвлече и предизвиците пред новата влада, како судирот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа. Таа изрази сочувствителност за израелската потреба да се одбрани и говореше за трагичната хуманитарна цена во цивили на обете страни.

Клинтон на распитот ќе одговори и на прашањето за донациите што нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон ги собира за неговата добротворна фондација, односно дали контактите со странски влади за таа цел би можеле да претставува конфликт на интерес за неа.

Се очекува Клинтон без поголеми проблеми на крајот да биде потврдена на функцијата.

XS
SM
MD
LG