Русија го обнови испорачувањето на природен гас преку Украина за Западна Европа, но набљудувачките екипи на ЕУ велат дека во европските земји, на кои тој итно им е потребен, пристига мошне малку од него, или пак воопшто не доаѓа.
Војната со зборови меѓу Москва и Киев продолжи и денес. Рускиот премиер Владимир Путин изјави дека можеби украинскиот гасовод повеќе не е адекватен за европските потреби. Руската државна компанија за производство на гас „Гаспром“ претходно ја обвини Украина дека го пренасочува гасот за свои потреби.
На 1-ви јануари Русија ја прекина доставата на гас за Украина поради несогласувања околу неговата цена.
Вишиот украински советник за енергетика Олексеј Худима за Гласот на Америка изјави дека е обновена доставата на руски гас во Украина, но дека не може да се пренасочи во Европа с`е додека не биде постигнат адекватен притисок на гасоводот.
Вчера обете земји потпишаа договор за обнова на доставата на руски гас. Со договорот, Русија и Украина се обврзани да дозволат целосен увид на европските мониторинг групи во контролните центри за работата на гасоводот.