Меѓународната кризна група (МКГ) во својот денес објавен извештај посветен на спорот меѓу Република Македонија и Грција околу името оценува дека обете земји споделуваат одговорност за влошените односи и дека е од клучно значење за стабилизацијата и европската интеграција на целиот Балкан да биде најдено решение.
Односите меѓу двете земји се најзатруени од почетокот на 1990-те, стои во документот насловен „Името на Македонија – да се надмине ќорсокакот“. МКГ оценува дека и натаму е важно да се најде решение, наведувајќи дека „грчката одлука да го блокира членството на Македонија во НАТО и натамошниот напредок во интеграцијата во Европската унија ја минира стратегијата на обете организации за стабилизација на Западниот Балкан преку проширување“.
И владата на Никола Груевски сноси дел од оговорноста, смета МКГ, според која Грците на преименувањето на Скопскиот аеродром во „Александар Велики“ и на редица други потези гледаат како на “офанзивно присвојување на нивното хеленистичко наследство и директна провокација“.
- Загрижени сме дека доколку не уследи некакво придвижување во правец на решение, би можеле да дојдеме во ситуација во која сегашните алтернативи повеќе нема да бидат на располагање, изјави заменик-претседателот на МКГ за политика Доналд Стајнберг за Гласот на Америка на македонски, додавајќи дека е важно за обете страни и за меѓународната заедница да ја земат предвид цената од тоа да не биде постигнато решение.
МКГ смета дека прв чекор за решение на спорот е повторното градење на доверба. „Напорите да се приближат двете страни до спогодба би вклучиле и поголема подготвеност меѓу членките на НАТО и ЕУ да извршат притисок врз Атина да усвои поконструктивен приод и да одговори на отстапките од Скопје со суштински отстапки од своја страна“, стои во извештајот. Групата повикува обете страни да ја реафирмираат заложбата кон Привремената спогодба од 1995-та: додека не биде постигнато решение, Скопје да ја користи референцата ПЈРМ во меѓународни форуми, а Атина да ја почитува Спогодбата и да го крене ветото врз членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
Потоа, македонската влада да искаже јавна подготвеност да го прифати последниот предлог на посредникот на ОН Метју Нимиц – „Република Северна Македонија“, а Грција за возврат да го прифати македонскиот идентитет и јазик, со тоа што обете страни би се согласиле дека тоа не имплицира ексклузивно право на користење на терминот „македонски“ и не го доведува прашање користењето на истата придавка кога станува збор за жителите на грчката покраина Македонија.
МКГ дури предлага и основање на заедничка комисија составена од историчари која би го испитала третманот на заедничката историја на регионот, а со цел „да се постигне основно разбирање и да се избегнат референците во образовните програми што се навредливи за националниот сензибилитет на обете земји“.
МКГ е приватна, непрофитна и невладина организација што работи преку анализи на ситуацијата на теренот и застапништво на високо ниво за спречување и решавање на конфликтни ситуации ширум светот.