Линкови за пристапност

Русија ќе продолжи со испораката на гас за Европа во вторник


Русија најави дека ќе продолжи со испораката на природен гас за Европа преку Украина во вторник. Руската компанија во надлежност на државата „Гаспром“ ова го објави денес во Брисел, каде министрите на Европската унија оддржаа итна средба посветена на енергетската криза. Чешката Република, која во моментов е на чело на ротационото претседателство на Унијата, ја поздрави одлуката.

Русија ја прекина доставата на гас преку Украина минатата недела, како резултат на растечкиот спор со Украина околу неговата цена и неисплатениот долг.

Поради прекинот, голем број европски земји беа затекнати од ниски температури без адекватна количина на гас.

Експертите сметаат дека ќе бидат потребни три дена за да се обнови вообичаениот обем на проток на гас.

Пред да биде објавена веста за продолжување на испораката, Украина потпиша нов договор со Русија и ЕУ, со што независни монитори ќе ја набљудуваат испораката на руски гас низ Украина.

Русија бараше од Украина да дозволи европски и руски експерти да го надгледуваат протокот низ украинскиот гасовод, со цел да се обезбеди дека Украина не зема од гасот наменет за Европа. Украинската државна компанија за гас „Нафтохаз“ жестоко енергично негираше дека краде гас.

XS
SM
MD
LG