Израелските копнени сили се приближуваат до густо населените области на Газа со цел да ги искоренат борците на Хамас, додека воените авиони бомбардираат цели за кои се смета дека се позиции на милитантите и тунели за криумчарење.
Израелската армија соопшти дека извршила 15 воздушни напади ноќта меѓу неделата и понеделникот. Тој број е еден од најниските од почетокот на израелската офанзивата врз палестинската територија пред 17 дена.
Пратеникот на Блискоисточниот квартет Тони Блер денес во Каиро изјави дека постојат елементи за прекин на огнот во Појасот Газа. Квартетот го сочинуваат САД, ОН, ЕУ и Русија.
На прес-конференција во Белата куќа, американскиот претседател Џорџ Буш кажа дека ќе има траен прекин на огнот само кога Хамас ќе запре со ракетните напади врз Израел, а Египет помогне да запре криумчарењето на оружје од негова територија во Газа. Тој рече и дека Израел мора да внимава на цивилни жртви.
Според болнички извори во Газа, во досегашната офанзива - за која Израел вели дека има за цел да го сопре Хамас да исфрла ракети врз јужниот дел на земјата - загинале преку 900 Палестинци. Ракетните напади продолжија, дури и во време кога Израел распоредува резервни сили во Газа.
Медицински лица тврдат дека половина од палестинските жртви се цивили. Израел наголемо го ограничи пристапот на странски новинари во Појасот Газа и тешко е да се потврди бројот на загинати. Па сепак, ОН тврдат дека генерално, тој е веродостоен.
Во досегашните борби загинаа 10 израелски војници, а тројца израелски цивили го загубија животот во ракетните напади.
Советот за човекови права на ОН денес ја осуди офанзивата на Израел, обвинувајќи ја земјата за „тешко“ кршење на човековите права на Палестинците. Резолуцијата ја доставија арапски и африкански земји. САД не држат место во Советот. Резолуцијата повикува на итен прекин на огнот и ветува меѓународна истрага. Таа не ги споменува ракетните напади на Хамас врз Израел.
И Израел, и Хамас го отфрлија повикот на Советот за безбедност на ОН и други инстанци за прекин на огнот.
Меѓутоа, израелскиот владин портпарол Марк Регев соопшти дека Израел блиску до постигнување на целта на операцијата.