Линкови за пристапност

И Македонија почувствува последици од прекинот на руски гас


И Македонија е една од земјите во Југоисточна Европа која се најде засегната од запирањето на испораката на руски гас. Дваесет производствени капацитети во земјавата работат на гас, од кои добар дел имаат значајно влијание врз трговскиот биланс и индустриското производство. Владата оцени дека запирањето на испораката на рускиот гас кон Украина сериозно ја засега Македонија.

-Македонија е засегната со конкретната ситуација. Гледаме дека производствени капацитети во Република Македонија веќе го запреа производството. Тоа се големи извозници од Република Македонија, вели вицепремиерот Ивица Боцевски.

Најпогоден е Макстил. Погоните на овој металопреработувачки капацитет се затворени, а илјада работници се пуштени на принуден одмор.

-Прво, не може да ги испочитуваме обврските кон нашите партнери. (Второ,) ќе биде многу тешка состојба со опремата, бидејќи (ова се случува) во незгодно време на студени температури, кога е многу тешко да се одржува опремата. Трето, најверојатно што е уште поглавно, ќе треба да видиме што да се направи со вработените, вели Митко Панев од Макстил.

Производството на Макстил учествува со 10 до 15 % во вкупниот извоз од Македонија. Запирањето на тоа производство ќе го погоди и онака високиот трговски дефицит на Македонија. Оваа компанија исто така учествува со 7 % во индустриското производство. Дел од дваесетте производствени капацитети во Македонија во меѓувреме ги префрлија своите погони на мазут, но тоа, пак, ќе предизвика еколошки проблеми, предупредија експертите.

Македонското Министерство за надворешни работи на официјални Москва и Киев им пренесе дека е недозволиво поради билатерален проблем да трпат штета трети држави.

XS
SM
MD
LG