Американскиот институт за мир во Вашингтон покани стручњаци од областа на надворешната политика на конференција насловена „Предавање на палката“, да изнесат гледишта за насоката во која треба да се движат САД во наредните години.
Меѓу излагачите на еднодневната конференција беа Вилијам Пери - поранешен секретар за одбрана, Медлин Олбрајт - поранешна државна секретарка, Роберт Зелик - претседател на Светската банка, Збигњев Бжежински од Универзитетот Џонс Хопкинс, генералите Антони Зини и Дејвид Петреус, амбасадорот Лакдар Брахими, Џејмс Добинс - раководителот на Центарот за меѓународна безбедносна и одбранбена политика на РАНД корпорацијата и други.
Приоѓајќи на прашањето од различен агол, сите беа согласни дека САД со новата администрација треба да се постават во светот на поинаква основа од изминатите осум години. Најголем акцент беше ставен на односите со Иран, Ирак, Авганистан и Пакистан, а во поглед на прашањата што треба да се приоритети на САД доминираше проблемот со ширење на нуклеарно оружје, тероризмот, елиминирање на геноцидот, соработката со други големи сили во светот и поинаков третман на меѓународните институции и организации.
Конференцијата донесе слика на големите очекувања за свртување на кормилото на САД кон меѓународни односи што би биле засновани на кооперативност, без занемарување на националните интереси.