Линкови за пристапност

Економскиот план на Обама предвидува 3 милиони нови работни места, проекти од јавен интерес

update

Новоизбраниот американски претседател Барак Обама предупреди дека американската економија може драматично да се влоши и го повика Конгресот да не го одлага неговиот пакет за стимулирање на економијата. Пакетот во висина од 800 милијарди долари треба да отвори нови работни места и да ги намали даноците за повеќето Американци.

Обама во вчерашен говор кажа дека сака да стави крај на едно „доба на голема неодговорност“ и предупреди дека рецесијата би можела да трае со години ако нешто не се преземе:

-Невработеноста би можела да стане двоцифрена, економијата да биде во минус од еден трилион долари, што би значело 12 илјади долари помалку приход по четиричлено семејство.

Обама вчера повторно беше во Конгресот, промовирајќи го својот „План за обнова и реинвестирање“ што предвидува отворање на 3 милиони нови работни места. Колку е сериозна ситуацијата, илсутрираше вчера издаден извештај дека 4,6 милиони Американци примаат социјална помош поради невработеност – највисок број во последните 26 години.

Планот на Обама предвидува пари за објекти од јавен интерес како патишта и училишта, обнова на здравствената заштита, инвестирање во алтернативни, обновливи извори на енергија како и даночни скратувања за поголемиот дел Американци.

Некои економисти, како Марк Занди од Moody’s Economy.com се скептични за скратувањата:

-Планот треба повеќе да е насочен на потрошувачка отколку скратувањата, оти таа има многу поголемо економско влијание на доларот.

Водачите на републиканското малцинство во обата дома на Конгресот – сенаторот Мич Меконел и конгресменот Џон Бонер повикуваат на внимателност.

-Да не се случи долгорочните систематски промени да го направат проблемот со трошоците уште поголем, рече Меконел.

-Треба да се справиме со економската криза, но и со тоа уште колку долг ќе се насобере, смета Бонер.

Обама се надева Конгресот да го усвои пакетот и да го достави кај него на потпис веднаш откако ќе даде заклетва на функцијата на 20-ти јануари. Законодавците се согласни дека е потребна итна постапка, но не сметаат дека ќе биде одобрен пред средината на февруари.

XS
SM
MD
LG