Линкови за пристапност

Агенција на ОН ја прекина помошта за Газа, наведувајќи опасност од Израел


Организацијата на ОН за хуманитарна помош тврди дека ги прекинала операциите во Газа поради опасноста што доаѓа од израелската армија. Веста уследи откако претставници на ОН соопштија дека возач во најмен конвој што носел помош од Светската организација загинал во оган отворен од израелска страна. Официјални лица велат дека движењето на конвојот однапред било договорено со израелската армија.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун го осуди нападот и повика на итен прекин на огнот. Израелски претставници наведуваат дека водат истрага за инцидентот што се случи во северниот дел на Појасот Газа, на 13-от ден од израелската офанзива против Хамас, кој владее со оваа палестинска територија.

Директорот за хуманитарни прашања на ОН Џон Холмс оцени дека ситуацијата во Газа е најкритична досега. Холмс кажа дека според Министерството за здравство, во густо населената област досега загинале 758 лица – третина од нив деца. Холмс додаде дека не е можно бројката да биде потврдена од независен извор, но дека во основа е веродостојна. Според проценките, на израелска страна досега има 8 загинати.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја обвини израелската армија дека не ги исполнила обврските согласно меѓународното хуманитарно право со тоа што одолговлекува со напорите за помош на повредените во Газа. Комитетот тврди дека израелските сили со денови не и` дозволувале на спасувачка екипа да влезе во населбата Зајтин во Газа. Кога вчера конечно влегле за време на тричасовниот прекин на огнот, спасувачите на Црвениот крст велат дека нашле четири изнемоштени деца до своите мртви мајки. Само во една куќа, велат, имало 12 мртви. Портпарол на израелската армија соопшти дека случајот се разгледува.

Денес врз израелска територија биле испукани најмалку три ракети од правец на Либан. Властите велат дека проектилите паднале во и близу до градот Нахарија во северниот дел на земјата, при што полесно биле ранети две лица. Либанскиот премиер Фуад Синиора го осуди нападот за кој никој досега не презеде одговорност.

XS
SM
MD
LG