На 13-от ден од
израелската офанзива против Хамас во Газа, северниот дел на Израел го погодија
ракети од правец на Либан, при што биле повредени две лица. Либанскиот премиер Фуад Синиора го осуди
нападот за кој никој досега не презеде одговорност.
Според
палестински болнички извори, досега загинале околу 700 Палестинци. На израелска страна има најмалку 8.
Меѓународниот
комитет на Црвениот крст денес ја обвини израелската армија дека не ги
исполнила обврските согласно меѓународното хуманитарно право со тоа што одолговлекува со напорите за помош
на повредените во Газа. Комитетот тврди дека
израелските сили со денови не и` дозволувале на спасувачка екипа да влезе во
населбата Зајтин во Газа. Кога конечно
влегле, спасувачите на Црвениот крст велат дека нашле четири изнемоштени деца
до своите мртви мајки. Само во една
куќа, велат, имало 12 мртви. Портпарол
на израелската армија соопшти дека случајот се разгледува.
Виш израелски претставник за одбрана денес е во Каиро, да разговара за египетско-францускиот план за прекин на огнот во Појасот Газа. Израел го поздрави планот, но го нема прифатено. Хамас вели дека го разгледува. Вчера, американската државна секретарка Кондолиза Рајс ја изрази поддршката на Вашингтон за планот и рече дека разговара со Израел за истиот. Советот за безбедност на ОН денес ќе расправа за предлог обврзувачката резолуција за ситуацијата во Газа што ја поднесе Либија, што бара итен прекин на огнот и подигање на израелската блокада.